Ал Наср со Роналдо демолиран на стартот од азиската Лига на шампиони (ВИДЕО)

Вистински фудбалски шок во Абу Даби! Ал Аин го декласира Ал Наср со неверојатни 4-0 во првото коло од азиската Лига на шампионите и му нанесе тежок удар на тимот предводен од Кристијано Роналдо.

Екипата предводена од српскиот стручњак Владимир Ивиќ одигра фантастичен натпревар и целосно го надигра саудискиот гигант, кој во текот на целиот меч изгледаше немоќно да го запре налетот на домаќинот. 

Ал Аин поведе во 24. минута преку Хусеин Рахими, кој ја искористи грешката во одбраната на гостите. Ал Наср не успеа да одговори, а домаќинот продолжи да создава проблеми пред голот на противникот. Во второто полувреме следуваше целосен распад на тимот на Роналдо. Рахими повторно погоди во 63. минута, а само девет минути подоцна Софијан Рахими зголеми на 3-0. Конечниот удар дојде во 85. минута, кога Јоргос Јакумакис ги постави конечните 4-0.

Кристијано Роналдо беше целосно запрен. Португалецот практично немаше можност да го смени текот на натпреварот, а Ал Наср не успеа да го најде патот до мрежата на домаќинот.

Поразот на Ал Наср е уште потежок ако се има предвид квалитетот и финансиската моќ со која располага тимот од Саудиска Арабија. Ал Наср во минатата сезона ја освои шампионската титула во Саудиска Арабија, а сега доживеа вистински дебакл на најголемата азиска сцена.