Силекс против Брегалница бара крај на катастрофалната серија порази

По трите нерешени резултати во рамките на седмото коло, одиграни претходните три дена, денеска во Кратово се среќаваат Силекс ни Брегалница во претпоследниот меч од овој круг во Првата македонска фудбалска лига.

Двете екипи го очекуваат дуелот во лоша атмосфера, предизвикана од слабите резултати во последно време. Брегалница оваа недела направи и тренерска смена, односно го избрка Никола Јанкулов, а екипата на куп-дуелот против Тетекс ја водеше Мијалче Прошев.

Сепак, притисокот на денешниот натпревар ќе биде на страната на кратовци кои бараат излез од кризата и катастрофалните резултати во домашното првенство. Силекс е во серија од три порази, од Вардар, Шкендија и Струга, кои го однесоа тимот на седмата позиција, со само еден бод повеќе од опасната зона. Последниот триумф, актуелниот освојувач на Купот на Македонија го оствари пред безмалку еден месец, на 15 август против Скопје кого на домашен терен го совлада со 3-0.

Идентичен беше резултатот при последниот триумф на Брегалница во првенството, против Башкими, на 21 август. Штипјани имаат три порази во последните четири кола, но со шест освоени бода се на осмото место на табелата. 

Последен пат овие две екипи играа меѓу себе во сезоната 23/24 кога два меча завршија нерешено, а еднаш славеше Брегалница. Силекс не ја победил Брегалница на домашен терен од април 2017 година кога триумфираше со 3-2. Денешниот натпревар во Кратово се игра со почеток од 15:45 часот.