Скандал во Ф1: Сакаа да слават титула, а потсетија на најголемиот терористички напад!
Иако намерата на британскиот тим беше да му оддаде почит на шампионскиот болид од 1981 година, излегувањето на патеката на Карлос Саинц и Алекс Албон токму на овој датум предизвика бурни реакции поради историските спонзорски врски на тимот со компанијата на семејството Бин Ладен.
Дизајнот во бела, зелена и темносина боја е директна посвета на сезоната кога Алан Џонс и Карлос Ројтеман му ја донесоа конструкторската титула на Вилијамс, што воедно беше и последната година кога Формула 1 се возеше во Мадрид на патеката Харама. Проблемот настана кога навивачите на социјалните мрежи почнаа да споделуваат фотографии од болидите на тимот од крајот на седумдесеттите години. Во тој период, поради големата финансиска поддршка од Саудиска Арабија, на болидите на Вилијамс стоеше логото на градежната компанија „Бин Ладен“, во сопственост на семејството од кое потекнува Осама бин Ладен. Иако конкретниот модел од 1981 година го немал тој натпис, карактеристичните бои од саудиската ера беа доволни за да се создаде непријатна симболика.
Познатиот Формула 1 новинар и коментатор, Вил Бакстон, истакна дека му се допаѓа ретро дизајнот, но ја доведе во прашање проценката на тимот околу моментот за негова промоција на патеката, особено на ден кога се одбележува смртта на речиси 3.000 луѓе.
„Не сум сигурен дека ова беше баш најдобриот момент. Колку што знам, мислам дека Осама во тоа време веќе бил исфрлен од семејството Бин Ладен, но сеедно ова не беше добар тајминг“, изјави Бакстон.
Од Вилијамс во ниту еден момент при претставувањето не ги споменаа саудиските спонзори. Нивната промотивна кампања, во која беше вклучен и Боб Паксман, механичар на тимот од 1981 година, беше фокусирана исклучиво на славната историја.