Клиперси не се помируваат со историската казна - влегуваат во војна со НБА

Сопственикот на Лос Анџелес Клиперс, Стив Балмер, не планира лесно да се помири со историската казна што НБА му ја изрече на клубот и сериозно размислува за покренување судска постапка против лигата.

Според информациите на „Њујорк тајмс“, Балмер и неговите адвокати ја разгледуваат можноста да поднесат тужба пред граѓански суд, а истовремено да побараат и итна судска мерка со која би се суспендирале санкциите на НБА.

Клиперс неодамна беа жестоко казнети по истрагата за наводно заобиколување на правилата за платниот лимит во случајот поврзан со Кавај Ленард. НБА на клубот му одзеде пет пикови од првата рунда на драфтот, од 2029 до 2033 година, му изрече парична казна од 30 милиони долари, а работењето на кошаркарскиот сектор во следните пет години ќе биде под директен надзор на лигата. Казните не го заобиколија ниту раководството. Балмер е суспендиран на една година, како и Џилијан Цукер, додека претседателот на кошаркарските операции Лоренс Френк доби суспензија од шест месеци.

Балмер и Клиперс од самиот почеток ги отфрлаат обвинувањата и ја оспоруваат истрагата на НБА. Токму поради тоа, сега се разгледува можноста спорот да се префрли и пред граѓански суд. Ситуацијата дополнително се усложни откако во случајот се вклучија и федералните власти во САД. Министерството за правда започна кривична истрага поврзана со работењето на Клиперси и нивните односи со Ленард. Истрагата е во рана фаза, а веќе бил издаден и најмалку еден судски повик за доставување документи.