Ефикасно тргна седмото коло во ПМФЛ, Вардар може да биде најголем добитник!
Екипата на Шкендија не победи и втор натпревар во низа откако по поразот од Тиквеш денеска ремизираше 2-2 на гости кај Арсими.
Прво ветеранот Бесарт Ибраими го отвори резултатот по 18 минути игра, а десетина минути пдоцона и Меличи се запиша во листата на стрелци за веќе два гола предност за тетовскиот тим. Арсими се врати во игра во последните моменти од првиот дел преку Контрерас.
Второто полувреме не донесе многу шанси, најголем дел од времето се играше на средината од теренот, но домашниот состав во 80-тата минута искористи една од ретките шанси за втор гол за израмнување и одново во центарот на вниманието беше Контрерас.
Прилика да се врати на победите Шкендија ќе има за седум дена кога на свој терен ќе биде голем фаворит против последнопласираниот Башкими.
Со ист резултат заврши и дуелот во Кавадарци каде што Тиквеш ремизираше со Струга. Домашниот состав прв дојде до водство со голот на Бразилецот Лусијанињо по 12 минути игра, гостите брзо се вратија преку Агамах шест минути подоцна. До крајот на првиот стружани направија и целосен пресврт кога Радески се израдува на гол во 43-тата минута.
Долго време Струга го чуваше водството, но не издржа до крај. За Тиквеш погоди уште еден Бразилец, дефанзивецот Ренетињо кој одлично се снајде по едно нафрлување во 87-та минута и ги постави конечните 2-2.
На табелата сега Вардар има прилика со победа против Башкими утре да го прескокне Тиквеш и со 13 бода да дојде на бод помалку од Струга и три од лидерот Шкендија.