Почнува револуција од Романија, се воведува црн картон

На фудбалските терени во Романија се воведува новина, судиите отсега ќе можат да покажуваат црни картони. 

Фудбалскиот сојуз на Романија воведе нова дисциплинска мерка на натпреварите во младинските категории, од 7 до 16 години со цел да го спречи несоодветното однесување на родителите и гледачите на трибините.

Отсега судиите ќе можат да покажат црн картон, со кој натпреварот трајно ќе биде прекинат во случај на сериозни инциденти.

Одлуката денеска беше одобрена на седницата на Комисијата за итни случаи поради однесувањето на дрските и незадоволни родители, кои неретко предизвикувале прекини на натпреварите во младинските категории.

Со ова, Романија стана првата земја чиј фудбалски сојуз воведува картон наменет исклучиво за санкционирање на однесувањето на трибините.

„Децата не смеат да бидат жртви на амбициите, притисоците или фрустрациите на возрасните на трибините“, соопштија од Фудбалскиот сојуз на Романија.

Судијата нема веднаш да покаже црн картон. Најпрво ќе ја прекине играта привремено и ќе побара од тренерите да разговараат со своите навивачи или родители, со цел инцидентите веднаш да престанат.

Доколку несоодветното однесување продолжи, судијата ќе го прекине натпреварот на десет минути и ќе ги испрати екипите во соблекувалните, додека тренерите повторно ќе имаат задача да ја смират ситуацијата.

Доколку инцидентот се повтори и по десетминутниот прекин, судијата ќе го покаже црниот картон и ќе означи крај на натпреварот.

Фото: FIFA