Maта минатата сезона беше МВП во Австралија, а сега ја заврши кариерата!
Шпанецот, кој го освои Светското првенство во 2010 година, како и Европското првенство во 2012 година, до неодамна настапуваше за австралискиот прволигаш Мелбурн Виктори. Зад него е исклучително успешна сезона во која беше прогласен за најдобар играч во австралиската лига.
„Уживав во секоја минута и горд сум на сè што постигнавме во текот на изминатата сезона. Повторно се заљубив во фудбалот во градот кој имав привилегија да го нарекувам свој дом“, изјави Мата.
Мата и понатаму ќе остане во фудбалот, со оглед на тоа што купи малцински удел во последниот клуб за кој настапуваше. Ќе ја извршува функцијата претседател на новоформираниот фудбалски одбор на Мелбурн Виктори.
„Последната сезона на Хуан долго ќе остане во сеќавање на навивачите на клубот. Верувам дека неговите настапи треба да ги ценат сите љубители на фудбалот во Австралија“, изјави спортскиот директор на Мелбурн, Џон Дидулика, изразувајќи задоволство што Мата ќе ја продолжи професионалната соработка со клубот.
Поранешниот шпански играч за врска, исто така, поседува сопственички удели во тимот на Формула 1, Алпин, како и во фудбалскиот клуб Сан Диего.
Мата во кариерата собра 41 настап за шпанската репрезентација и постигна десет гола. Покрај титулата светски шампион, тој го освои и Европското првенство во 2012 година, кое се одржа во Полска и Украина. Исто така, со Челси ја освои Лигата на шампионите во сезоната 2011/2012.