Најбизарниот пенал во историјата: Топката не ја допре мрежата, а судијата пресуди - гол (ВИДЕО)

Еден од најнеобичните казнени удари во историјата на фудбалот беше изведен на ноќешниот натпревар од американската МЛС лига помеѓу екипите на Ванкувер и ЛА Галакси, откако фудбалерот на домашниот тим, Бруно Каиседо, реализира пенал на начин на кој топката воопшто не ја допре мрежата, ниту пак рамката од голот.

Несекојдневната ситуација се случи во 89. минута од средбата, при сигурно водство на домаќините од 2-0. Каиседо упати удар по средината на голот, а гостинскиот голман Џеј-Ти Марцинковски успеа да реагира и да ја зафати топката со раката. Сепак, наместо да биде одбиена надвор од опасната зона, топката доби невообичаена ротација, продолжи да се тркала кон празната мрежа и ја мина гол-линијата и веднаш се истркала кон теренот.

Главниот судија без двоумење го призна овој необичен погодок, со што беа поставени конечните 3-0 за екипата на Ванкувер.