ФФМ донира спортска и техничка опрема за фудбалски клубови од скопскиот регион!
Главната цел на оваа акција е подобрување на условите за работа во базичните клубови каде што континуирано се развиваат младите фудбалски категории. Во рамките на оваа масовна донација, клубовите добија 1.000 комплети тренерки, 400 дресови, 680 фудбалски топки, 40 лаптопи и принтери, како и неопходна механизација за одржување на тревниците, вклучувајќи косилки и тримери. Опремата им беше официјално врачена на женскиот фудбалски клуб Ржаничино, како и на машките екипи Фортуна, Аеродром, Марино, Илинден, Гоце Делчев, Маџари Солидарност, Долно Коњари и Петровец.

На свеченото примопредавање на опремата присуствуваа претседателот на ФФМ, Масар Омераѓиќ, претседателот на РФС Еден – Скопје, Дарко Костовски, како и градоначалниците Бобан Стефковски, Александар Георгиевски и Борче Митевски. Првиот човек на македонскиот фудбал истакна дека силните региони се основа за силни клубови и светла иднина на спортот.
„Фудбалот почнува од клубовите и од луѓето кои секојдневно работат со децата. Затоа нашата поддршка мора да биде конкретна и насочена таму каде што е најпотребна. Силните региони значат силни клубови, а силните клубови се основата за иднината на македонскиот фудбал. Ова е токму начинот на кој сакаме да го градиме фудбалот – со партнерство и со инвестиции кои директно стигнуваат до теренот“, порача Омераѓиќ.
Претседателот на регионалниот сојуз, Дарко Костовски, нагласи дека овој настан не претставува еднократен чин, туку најава за континуиран процес на вложување во младинските категории, порачувајќи дека клубовите повеќе не се сами во својата работа. Градоначалниците на трите вклучени општини испратија заедничка порака за суштинската важност на спортот во локалните заедници.

„Кога вложуваме во спортот, вложуваме во нашите деца и во иднината на заедницата. Денешната иницијатива е најдобар пример како ФФМ, регионалниот сојуз, општините и клубовите заедно можат да направат разлика. Нашата порака е јасна: спортот заслужува помош, а фудбалот заслужува уште повеќе насмевки и деца на зелените терени“, истакнаа градоначалниците во своето заедничко обраќање.


