Лудница на стартот од ЛШ: ПСЖ со пенал во последната секунда извади реми во Данска (ВИДЕО)

Новата сезона во елитната ракометна Лига на шампиони започна со четири натпревари кои донесоа голема неизвесност, три домашни победи и едно драматично реми.

Најголемото внимание го привлече дербито во Данска, каде домашниот Алборг и францускиот првак ПСЖ ги поделија бодовите (33-33). Данскиот состав имаше предност од три гола во завршницата, но парижаните направија камбек и извлекоа бод благодарение на гол од пенал во последната секунда од натпреварот. Најефикасен на средбата беше Феран Соле со десет погодоци за ПСЖ, додека кај домаќините се истакнаа Хоксер и Кнор со по седум гола.

Исклучително изедначен натпревар се одигра и во Полска, каде екипата на Киелце дојде до минимална победа против швајцарскиот претставник Кринс (30-29). Словенечкиот интернационалец Алекс Влах го предводеше полскиот состав со осум погодоци, поддржан од Артем Каралек кој додаде пет, додека кај гостите најрасположен беше Марин Шипиќ со осум гола.

Слична резултатска драма понуди и балканската пресметка во која хрватскиот шампион Загреб во самиот финиш го скрши отпорот на словенечко Целје (31-29). Ихар Бјалаушки беше лидер во победничкиот табор со девет гола, а на спротивната страна не беше доволна ниту брилијантната партија на Аљуш Анжиќ кој дури 11 пати ја тресеше противничката мрежа.

Единствената убедлива победа во воведното коло ја оствари унгарски Веспрем, кој на домашен терен рутински го совлада португалски Порто (36-28). Хуго Дескат со седум гола и одличниот голман Емил Нилсен беа најзаслужни за сигурниот триумф на унгарскиот тим. Во редовите на поразениот состав, Мораеш Силва Боргес го заврши натпреварот со седум постигнати голови.

Сезонава во ЛШ се враќа и двојниот европски шампион Вардар, кој првиот настап ќе го има утре на гостувањето кај Мелсунген.