Досега невидено: Германски фудбалер уапсен поради убиство на соиграч – го отрул!
Според информациите кои ги пренесува шпанска „Марка“, жртвата починала како последица на труење за време на тимско патување минатата година. Здравствената состојба на Филип Л. нагло се влошила за време на патувањето лани во јуни. По враќањето дома, ситуацијата дополнително се искомплицирала и тој починал следниот ден во болница и покрај сите лекарски обиди за реанимација.
Германските медиуми пренесуваат дека директна причина за смртта е сепса со повеќекратно откажување на органите, предизвикана од токсична супстанца. Истрагата првично разгледувала можност за труење со храна, со оглед на тоа што екипата консумирала риба, но инспекторите подоцна целосно го насочиле фокусот кон осомничениот Мариус В.
„Поаѓаме од тоа дека мотивот бил одмазда. Убиствата со труење се исклучително ретки и затоа овој случај е посебно необичен. Врз основа на досегашните резултати од истрагата, уверени сме дека осомничениот намерно ја усмртил жртвата“, изјави главниот обвинител Томас Хаубургер за германскиот весник „Билд“.
Обвинителството сè уште нема соопштено каков вид на отров бил искористен, ниту начинот на кој истиот бил администриран, класифицирајќи ги овие детали како информации кои сè уште не се за јавноста. Локалните медиуми објавија неофицијални тврдења за можен претходен конфликт меѓу двајцата фудбалери поради жена, но овие наводи засега немаат официјална потврда. Мариус В. беше приведен во акција на специјалните полициски сили, на само две недели пред неговата закажана венчавка.