Мурињо удри по шпанските судии, па проговори за емоциите пред дуелот со поранешниот клуб!
Португалецот истакна дека главна цел е победа и пласман во следната рунда низ осумте предвидени натпревари, нагласувајќи дека тимот мора да биде фокусиран по неодамнешниот пораз од Бетис во домашното првенство. Тој ја искористи можноста остро да ги критикува судиите во ВАР-собата за претходниот натпревар со Бетис (0-1), изразувајќи незадоволство што промашениот пенал на Килијан Мбапе не бил повторен.
„Сакам да победиме. Можам да ви кажам дека сакам да играме добро, но не сакам да играме добро како против Бетис и да загубиме. Загубивме бидејќи не ги претворивме шансите во голови, но пеналот... Зошто не се изведе повторно? Затоа што ВАР не ги познава правилата или затоа што не сакаа. Тоа е прашање на кое би сакал одговор од одговорните лица. Ако не ги знаеле правилата, зошто не го повикаа судијата да ја прегледа снимката на мониторот? Иако, сакам да расчистам дека не загубивме поради тоа, бидејќи можевме да промашиме и при повторното изведување“, изјави Моурињо.
Осврнувајќи се на емотивниот аспект од средбата со Интер, со кој бележеше историски успеси и фактот што на спротивната клупа ќе седи Кристијан Киву, португалскиот стручњак потенцираше дека емоциите ќе бидат оставени настрана додека траат 90-те минути.
„На овој стадион сум ја освојувал Лигата на шампионите, но сум губел и полуфинале на пенали. Сум го доживеал и најдоброто и најлошото. Тоа е затворена страница и времињата се различни. Во моментов ова не е посебен натпревар за мене, за време на мечот нема да размислувам за минатото. Киву секогаш ќе биде еден од моите луѓе и многу се радувам за она што го постигнува, ќе го поздравам пред и по натпреварот“, додаде „Специјалниот“.
Околу кадровските проблеми и можноста Трент Александер-Арнолд да биде прекомандуван во средниот ред, Мурињо одби да открие тактички детали. Тој само потврди дека Бернардо Силва, Едуардо Камавинга и Арда Ѓулер нема да бидат во можност да настапат, истакнувајќи дека стручниот штаб има пет различни опции кои ќе останат тајна до самиот почеток на натпреварот.