Шелтон го згази Циципас и закажа спектакл со Алкараз - Тијафо го изненади Медведев!

Домашните тенисери, Бен Шелтон и Френсис Тијафо, обезбедија пласман во четвртфиналето на Ју-Ес опен, со што ги подгреаја надежите на публиката за прв американски освојувач на овој гренслем-турнир по Енди Родик во 2003 година.

Првиот одигра доминантен натпревар и го совлада Стефанос Циципас со максимални 3-0 во сетови, додека вториот приреди изненадување елиминирајќи го Данил Медведев, исто така без загубен сет. Осмиот носител Шелтон за нешто помалку од два часа игра го надигра грчкиот тенисер со 6-2, 6-3 и 6-4. Дваесет и тригодишниот Американец целосно доминираше на стадионот „Артур Еш“, добивајќи го првиот сет за само 31 минута. Во следната фаза тој ќе се соочи со Шпанецот Карлос Алкараз, за кого имаше само пофални зборови.

„Нивото на тенис кое тој моментално го игра е навистина импресивно. Да не играте речиси пет месеци и потоа да го правите она што тој го прави е натчовечки. Тој ги освојува стадионите со својата игра и мислам дека во вторник повторно ќе има огномет“, изјави Шелтон, додавајќи дека по заедничките тренинзи со Шпанецот пред турнирот е целосно подготвен за овој предизвик.

Пласман во најдобрите осум оствари и дванаесеттиот тенисер во светот Тијафо, кој по речиси три часа игра го совлада осмиот играч на АТП листата, Данил Медведев. Натпреварот заврши со резултат 3-0 (7-6, 6-4, 7-6), во меч во кој домашниот миленик успеа пет пати да му го одземе сервисот на рускиот тенисер, наспроти четирите брејка на Медведев.

Тој за влез во полуфиналето ќе се соочи со својот сународник Алекс Микелсен (46. на АТП листата), кој исто така обезбеди победа во три сета. Микелсен го совлада Аргентинецот Томас Мартин Ечевери со 7-6, 6-4 и 6-4 по два часа и 48 минути игра, искористувајќи три брејк-топки наспроти едната на својот противник.