Керик не е загрижен по слабиот старт на Јунајтед: „Не е толку лошо“
Манчестер Јунајтед освои само четири бода во првите три натпревари од новата сезона во Премиер лигата и веќе прими шест гола. Дополнителна горчина остава последниот натпревар против Евертон, на кој тимот двапати имаше предност, но на крајот мораше да се задоволи со бод.
И покрај тоа, Керик не смета дека ситуацијата е алармантна.
„Не започнавме толку лошо, да бидам искрен. Не е тоа толку лошо, знаете. Бевме многу блиску денеска да ги освоиме трите бода. Но, тоа е фудбалот. Можеме подобро да се справиме со некои ситници, но ќе бидеме добро“, изјави Керик по натпреварот.
Сепак, тренерот не го криеше разочарувањето поради начинот на кој неговиот тим ја испушти победата. Јунајтед двапати имаше предност, но ниту тоа не беше доволно за триумф.
„Да, разочарани сме, многу сме разочарани. Вложивме толку многу труд за двапати да дојдеме во ситуација да водиме. Не е убаво чувството, изгледа како пораз“, призна Керик.
Според него, проблемот не е во менталитетот на екипата, туку во одредени детали, особено во дефанзивната игра. Јунајтед мора да најде начин да прима помалку голови доколку сака да освојува повеќе бодови.
„Менталитетот е тука, мислам дека е. Постојат работи во кои мораме да бидеме подобри, а има и такви кои не можеме да ги игнорираме. Мораме да примаме помалку голови за да си дадеме поголема шанса за победа. Ќе работиме на тоа и ќе продолжиме да напредуваме“, порача тренерот.
Керик посочи и дека головите на Евертон биле постигнати по исклучително квалитетни удари, нешто што, според него, не може секогаш да се контролира.
„Денеска постигнаа два гола од два одлични удари. Понекогаш топката влегува во самите рашки, но почесто не влегува. Понекогаш едноставно станува збор за нешто што е надвор од наша контрола“, заклучи Керик.
Иако резултатите на почетокот не се на страната на Манчестер Јунајтед, Керик останува оптимист. Следните натпревари ќе покажат дали неговата верба дека тимот „ќе биде добро“ има реална основа или кризата само што почнува.