Трагедија во Бугарија: Фудбалер постигна два гола, па почина во соблекувалната

Голема трагедија го потресе бугарскиот фудбал. Поранешниот напаѓач на Локомотив Пловдив, Христо Спасов, почина на 38-годишна возраст, само неколку минути по завршувањето на натпреварот на кој играл.

Спасов настапил за Чико од Бјага на натпреварот против Лесичово во регионалната лига. Неговиот тим загубил со 2-4, но искусниот напаѓач постигнал два гола за својата екипа.

По завршувањето на натпреварот, сепак, се случила трагедијата. Само неколку минути откако заминал во соблекувалната, на Спасов му се слошило и се срушил. Лекарот кој бил присутен на натпреварот веднаш се обидел да му помогне, а набрзо пристигнала и екипа на Итната медицинска помош од Пештера. И покрај сите напори, лекарите не успеале да го спасат неговиот живот.

Според првичните информации, како причина за смртта се наведува масивен срцев удар. Спасов во текот на кариерата настапувал за повеќе бугарски клубови, меѓу кои Локомотив Пловдив, Ботев Враца, Хебар Пазарџик, Спартак Плевен и Септември Софија. Неговата ненадејна смрт на само 38 години предизвика голема тага меѓу неговите соиграчи, пријатели и целата фудбалска јавност во Бугарија.