Американка со татко од Лесковац и мајка од Сплит: Новата Ана Ивановиќ гази во Њујорк

Американската тенисерка со српско потекло, Ива Јовиќ (18 години), оствари историски успех пласирајќи се во осминафиналето на Ју-Ес Опен, откако ноќеска, по повеќе од три часа голема борба на стадионот „Артур Еш“, ја совлада Александра Еала од Филипините (7-5, 3-6, 7-5).

За новата Ана Ивановиќ, како што ја презентираат медиуми, ова е прв пласман меѓу 16-те најдобри на овој гренслем-турнир. Јовиќ во првиот сет имаше предност од два брејка и водство од 4-1, но Еала успеа да израмни. По серијата од три брејка, Американката го реши сетот во 12-тиот гем во кој не загуби ниту еден поен. Вториот сет донесе поинаква слика откако Јовиќ загуби сервис, а Еала поведе со 3-2. Во овој период од играта беа видени дури пет последователни брејка пред филипинската тенисерка да го израмни резултатот во сетови. Во одлучувачкиот трет сет, Јовиќ на двапати имаше брејк заостанување, а нејзината противничка поведе со 4-2. Сепак, до крајот на мечот Еала освои само уште еден гем, по што 14-тата светска тенисерка направи целосен пресврт за конечна победа.

Покрај спортскиот успех, Јовиќ привлекува големо внимание на Балканот поради своето потекло. Иако е родена и настапува за САД, нејзиниот татко потекува од Лесковац, додека мајка ѝ е од Сплит, а подоцна живеела во Белград. Младата тенисерка во една прилика откри дека секоја година ја посетува Србија, каде поминува време со семејството и пријателите, а летата ги користи и за одржување на формата преку тренинзи во белградските и лесковачките тениски клубови.

Нејзин следен предизвик во Њујорк ќе биде соочувањето со четвртата тенисерка на ВТА листата, Американката Коко Гоф.