Тевез спрема спектакл на „Бомбонера“, со Меси и Роналдо

„Бомбонера“ во декември би можела да биде сцена на еден од најинтересните фудбалски настани годинава. Карлос Тевез конечно ќе добие можност официјално да се збогува од навивачите на Бока Јуниорс, а на неговата проштална средба се очекува да се појават голем број познати фудбалски имиња.

Најголемото внимание, сепак, го привлекуваат две имиња – Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Тевез, кој професионалната кариера ја заврши во 2022 година, разговарал со претседателот на Бока Јуниорс, Хуан Роман Рикелме, околу организацијата на прошталниот натпревар. Рикелме дал зелено светло „Бомбонера“ да биде домаќин на спектаклот. Точниот датум сè уште не е потврден, но како можни термини се споменуваат викендите на 12 и 13, односно 19 и 20 декември. Првиот термин би можел да создаде проблеми поради финалето на Клаусурата и Трофео де Кампеонес, па конечната одлука ќе зависи и од распоредот на Бока.

Планот на Тевез е да собере голем број пријатели, поранешни соиграчи и луѓе со кои го поминал најголемиот дел од кариерата. Се очекува на „Бомбонера“ да пристигнат околу 60 познати фудбалски имиња, а замислата е да се формираат две екипи. Во едната би биле неговите блиски пријатели од фудбалот и од детството, додека спроти нив би играле поранешни соиграчи од неговата богата кариера.

Токму тука се појавува најголемата сензација. Меси е меѓу имињата кои Тевез сака да ги види на својата проштална средба. Двајцата долго време беа соиграчи во репрезентацијата на Аргентина, па неговото присуство би имало посебно значење. Но, Тевез сака на „Бомбонера“ да го види и Кристијано Роналдо. Аргентинецот и Португалецот заедно играа во Манчестер Јунајтед, во периодот кога клубот под водство на Алекс Фергусон доминираше во Англија и Европа.

Двајцата беа дел од тимот кој ја освои Премиерлигата и Лигата на шампионите, а нивната повторна средба, овојпат во Аргентина, би била вистински спектакл.

Уште поголема сензација би била доколку Меси и Роналдо навистина се појават на истиот терен. Нивното евентуално заедничко учество сè уште не е официјално потврдено, но и самата можност веќе предизвика огромно внимание. За Тевез, пак, ова ќе биде конечното збогување со клубот во кој остави најдлабока трага.

За Бока одигра 279 официјални натпревари, постигна 94 гола и освои 11 трофеи. Во кариерата настапуваше и за Коринтијанс, Вест Хем, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Јувентус и Шангај Шенхуа. Последниот официјален настап на „Бомбонера“ го имаше минатата година, но тогаш во сосема поинаква улога – како тренер на Талерес. Сега треба да се врати како главна ѕвезда на својата проштална вечер.