Мурињо грми по поразот: Бетис доби на лото, бараа Брза помош за да задржуваат време!

Откако Реал Мадрид го претрпе првиот сезонски пораз на гостувањето кај Бетис (0-1) во натпревар кој заврши со промашен пенал на Килијан Мбапе, шефот на стручниот штаб Жозе Мурињо целата вина за исходот ја насочи кон противничките фудбалери и судискиот критериум.

Во својата анализа по натпреварот, тренерот на „кралевите“ жестоко го критикуваше симулирањето и задржувањето на времето од страна на домашната екипа. Португалецот, кој поради реакција кон судијата и самиот заработи жолт картон, потенцираше дека неговиот тим бил жртва на противничката глума, но истовремено ги нарече своите фудбалери „наивни“ бидејќи не знаат како да изнудат санкција за ривалот.

„Се бунев затоа што играчот на Бетис се правеше мртов. Не знам зошто добив картон кога во првото полувреме ниту еден играч на Бетис не беше јавно опоменат, а кутриот Арда доби картон само затоа што игра фудбал. Играчите на Бетис толку многу глумеа, човек да помисли дека веднаш им треба Брза помош. Тој дечко беше 'мртов' пред мојата клупа, а не му беше ништо“, истакна Мурињо на прес-конференцијата.

Како контраст на играта на домашните, Мурињо го посочи Федерико Валверде како пример за наивноста во сопствените редови.

„Во првата минута го нагазија Валверде по стопалото, што е жолт картон како по буквар. Но, тој остана на нозе, без воопшто да се обиде да падне. Затоа велам дека моите играчи се наивни“, додаде португалскиот стратег.

И покрај шокантниот крај во кој Мбапе не успеа да донесе израмнување во 94. минута, Мурињо застана во одбрана на играта на својот тим. Тој смета дека залагањето било на врвно ниво и дека поразот е целосно незаслужен.

„Навистина не знам како загубивме. Игравме добро и ставот на фудбалерите беше фантастичен. Бетис вечерва едноставно доби на лото. Не ги обвинувам моите играчи за поразот“, заклучи Мурињо.

Мурињо сега ќе мора брзо да ја консолидира екипата пред претстојниот дуел во Лигата на шампионите против Интер, по што следува и домашниот првенствен натпревар против Рајо Валјекано.