Барди со порака до навивачите: Потребни сте ни за да го оставиме срцето на терен!

Фудбалската репрезентација на Македонија дише како еден пред утрешниот голем предизвик против селекцијата на Швајцарија (20.45 часот) на стартот од новиот циклус во Лигата на нации.

Еден од главните лидери на националниот тим, Енис Барди, потврди дека атмосферата во таборот е на највисоко можно ниво и дека екипата е максимално обединета околу јасната цел – остварување на победа. Фудбалерот од средниот ред потенцираше дека хармонијата во соблекувалната е дополнително збогатена со беспрекорната интеграција на дебитантите, кои донесоа позитивна енергија и огромен елан за работа пред утрешниот натпревар.

„Атмосферата е одлична, среќни сме што сме заедно и подготвени сме да дадеме сè од себе. Сите нови играчи ги пречекавме со широко отворени раце, сите работиме заедно и сигурен сум дека можеме да биде добра група. Новите фудбалери кои се тука ќе ни дадат една потребна свежина“, истакна Барди.

Покрај одличната внатрешна хемија, креативецот на македонскиот тим смета дека клучниот импулс за успех против Швајцарците треба да пристигне од трибините. Тој упати силен апел до спортската јавност, нагласувајќи ја нераскинливата врска помеѓу играчите и публиката која историски била пресудна за сите големи резултати на репрезентацијата.

„Овој стадион е наш дом, со таа мисла треба да излеземе на теренот. Секогаш мислам на нашиот идентитет како тим. Очекуваме навивачите да дојдат во голем број, за нас поддршката многу значи и веруваме дека и во овој натпревар ќе нè турнат напред. Во секој позитивен резултат досега имавме голема поддршка, па така сакаме да биде и сега, а ние ветуваме дека ќе го оставиме срцето на терен“, порача македонскиот репрезентативец.