Како воопшто да не паузирал: Алкараз растура во Њујорк

Карлос Алкараз продолжува со сигурни чекори кон завршницата на УС Опен. Шпанскиот тенисер без поголеми проблеми го совлада кинескиот претставник Џибинг Ву со 3-0 во сетови и обезбеди пласман во осминафиналето на последниот Гренд слем во сезоната.

Алкараз славеше со 6-3, 6-4, 6-1 во меч кој траеше нешто помалку од два и пол часа, потврдувајќи ја фаворитската улога со која пристигна во Њујорк.

Шпанецот уште на стартот покажа што го очекува неговиот противник. Направи брејк за рано водство, но Ву веднаш возврати и израмни на 3-3. Алкараз, сепак, не дозволи сетот да му се искомплицира, повторно му го одзеде сервисот на Кинезот и стигна до 5-3, а потоа со уште еден брејк го затвори првиот сет со 6-3. Вториот сет беше далеку понеизвесен. Двајцата тенисери долго го чуваа својот сервис, а Ву успеваше да му пружи сериозен отпор на третиот носител. Сепак, кога беше најважно, Алкараз го подигна нивото и со брејк во последниот гем стигна до 6-4. 

Тоа практично беше крајот на отпорот на Ву. Во третиот сет Алкараз целосно ја презеде контролата, а Кинезот успеа да освои само еден гем. Шпанецот рутински го приведе мечот до крај и со 6-1 стави точка на убедливата победа. 

Со овој триумф, Алкараз продолжува да ја гради својата серија на УС Опен и останува еден од главните фаворити за титулата во Њујорк. На патот кон четвртфиналето ќе се соочи со Томи Пол, кој претходно го елиминираше Алекс Бублик.