Мурињо „препишува“ од Флик - ги води истите дисциплински правила во Реал
Најголемо внимание привлече односот кон доцнењето. Фудбалер кој ќе задоцни на тренинг веднаш ќе биде издвоен од групата и ќе мора индивидуално да работи во теретана. Но, казната не завршува тука – според новите правила, доцнењето автоматски значи и прескокнување на следниот натпревар.
Интересно е што Мурињо се откажал од финансиските казни за ваквите прекршоци. Неговата проценка е дека паричните казни немаат доволен ефект врз фудбалерите со огромни примања, па затоа одлучил последиците да бидат директно поврзани со тренингот и настапите. Промени има и во третманот на повредите. Играчите кои се опоравуваат мора да го прават тоа под надзор на клупскиот медицински тим и во просториите на Реал Мадрид. Приватните терапии надвор од клубот повеќе не се дозволени.
Мурињо вовел правила и околу исхраната. Фудбалерите повеќе немаат целосна слобода сами да го избираат своето мени, туку исхраната е однапред определена во рамките на клубот. Со овие мерки, португалскиот стратег јасно стави до знаење дека во неговиот Реал Мадрид нема да има посебен третман за големите ѕвезди. Правилата важат за сите, а дисциплината треба да биде еден од темелите на тимот.
Сепак, она што „боде очи“ е фактот што вакви правила постојат во Барселона откако тренер на каталонскиот тим е Ханси Флик. На почетокот фудбалерите на Барса имаа проблеми со тоа, но како што одминуваше времето се навикнуваа и сега дисциплината е на највисоко ниво.