Вардар доби нов капитен - голманот Васил Гогов!

Македонскиот ракометен гигант Вардар во новата сезона ќе има нов капитен, а тоа е голманот Васил Гогов, кој долго време е член на „црвено-црните“.

Вардар соопшти дека Гогов со неговата посветеност, одговорност и напорна работа заслужил да ја добие капитенската лента за новата сезона.

Негов заменик-капитен во новата сезона ќе биде Јака Малус, еден од најискусните играчи во тимот и важен дел од играта на Вардар.

„Играч кој долго време е верен на клубот, кој растеше со Вардар, се бореше за овој дрес и секогаш беше дел од црвено-црната приказна, сега добива нова и одговорна улога - да биде лидер на тимот на теренот и надвор од него. Капитенската лента е чест, но и обврска. Таа носи одговорност, карактер и пример за сите во соблекувалната. Веруваме дека Васил со својата посветеност, работа и љубов кон клубот ќе ја носи достоинствено. Нова сезона. Нови предизвици“, соопшти Вардар.

Фото: РК Вардар