Пелистер дополнително ја засили центарската позиција - со кошаркар од САД!

Кошаркарскиот клуб Пелистер продолжи со активностите на трансфер-пазарот и го промовираше своето најново странско засилување, откако нов член на битолскиот тим стана американскиот интернационалец Рузвелт Вилер, кој доаѓа да ја зацврсти играта под кошевите.

Се работи за 23-годишен центар со висина од 211 сантиметри, кој својот кошаркарски развој во САД го започна на реномираниот колеџ Луивил, по што настапуваше и за универзитетот Ист Тенеси. Својата интернационална кариера ја градеше во Европа и Јужна Америка. Минатата сезона настапуваше во првенството на Швајцарија, каде што ги бранеше боите на екипите на Женева и Масањо, а во своето досегашно искуство бележи и освоена шампионска титула во Чиле со составот на Кулпе.

Од клубот изразија задоволство од реализацијата на овој трансфер како дел од зацртаните цели за новата сезона. По пристигнувањето во Битола, Вилер веднаш ќе им се приклучи на тренинзите на „зелено-белите“ и ќе му биде на располагање на шефот на стручниот штаб, Тане Спасев.