Невил жестоко по Ливерпул: Потрошија пола милијарда фунти, а го оставија Ираола на цедило
Поранешниот англиски репрезентативец смета дека раководството на „црвените“ погрешно ги поставило приоритетите во летниот преоден рок. Според него, Ливерпул има голем потенцијал во нападот, но сериозно му недостигаат засилувања во одбраната и средниот ред.
Особено Невил е збунет од можноста Коди Гакпо да го напушти клубот, иако холандскиот напаѓач се наоѓа во одлична форма.
„Чудно е тоа што се зборува за заминување на Гакпо. Знам дека доаѓа Баркола, но Гакпо изгледа како нивниот најдобар напаѓач“, порача Невил.
Ливерпул неодамна го официјализираше трансферот на Бредли Баркола од Пари Сен Жермен, во зделка која може да достигне околу 123 милиони фунти. Французинот е едно од најголемите засилувања на клубот ова лето, но Невил смета дека тоа не ги решава главните проблеми во составот.
„Не мислам дека имаат доволно играчи во одбраната и мислам дека го оставаат Ираола без доволно опции. Чудно е тоа што потрошија половина милијарда фунти на засилувања, а го оставија Ираола на цедило“, додаде легендарниот дефанзивец.
Невил посебно предупреди на бековските позиции. Според него, доколку Ливерпул продолжи со класична формација со четворица дефанзивци, тимот би можел да има сериозни проблеми во дефанзивата.
„Ќе примаат многу голови ако со тие бекови играат во класична одбрана со четворица и без вистински дефанзивен играч за врска“, смета Невил.
Тој смета дека на Ираола му се потребни уште најмалку неколку засилувања за Ливерпул да биде конкурентен на највисоко ниво.
„Ако донесат дефанзивен играч за врска и двајца квалитетни бекови, би имале навистина добри шанси. Но, моментално недостигаат засилувања токму на тие позиции“, заклучи Невил.
Ливерпул веќе инвестираше сериозни средства во составот, но Невил предупредува дека големите трансфери во нападот нема да бидат доволни доколку тимот не ги реши слабостите во дефанзивниот дел.