Вардар немоќен и со фудбалер повеќе, Тиквеш со херојска игра освои бод!

Фудбалерите на Тиквеш и Вардар (1-1) одиграа без победник во Кавадарци во натпреварот од петтото коло во Првата македонска фудбалска лига.

Домаќините први постигнаа гол на натпреварот, кога Фал успеа во 21. минута да ја затресе мрежата на Диковски за водство од 1-0, но само неколку минути подоцна почнаа проблемите за Тиквеш.

Лавал со лакт го удри Најдовски, по што се активира и ВАР-технологијата, а на крајот судијата му покажа директен црвен картон.

Вардар тргна по израмнување откако кавадарчани останаа со играч помалку, а потоа Азер Омерагиќ успеа да погоди за гостите и да израмни на 1-1.

Тиквеш во вториот дел беше одличен во одбраната, додека Вардар се мачеше да го пробие „бункерот“ на кавадарчани, кои ја чекаа својата шанса на контра-напади.

Вардар не се закани посериозно кон голот на Тиквеш, додека домашниот тим имаше неколку опасни шанси од контра-напади, а најблиску до втор гол беше во 56. минута кога погодија пречка.

По пет одиграни кола во првата лига, Тиквеш е на третата позиција со осум бодови, додека Вардар е на делба на четвртата позиција со седум поени.