Германците прават револуција - пикерите стануваат вишок во ракометот!
Традиционалната постава со две крила, тројца бекови и пикер на линијата од шест метри полека добива алтернатива која веќе не е само редок експеримент, туку редовно оружје на најсилните екипи. Првите сериозни сигнали пристигнаа минатата сезона преку Штутгарт и Лемго. Првите со четири бека и без класичен пикер го шокираа Кил во март (32-27), кога токму со постојани дуели „еден на еден“ целосно ја разбија одбраната на гигантот. Вторите, пак, со истиот систем со месеци им правеа проблеми на фаворитите, развлекувајќи ги нападите до пасивност за да креира вишок преку индивидуалниот квалитет на надворешната линија.
Новиот тренд експлодираше на стартот од оваа сезона, прифатен и од европските великани. Кил и новиот тренер Борге Лунд на бундеслигашкиот против Лемго (35-27) ги одиграа последните 12 минути токму со четири бека, кога расположениот Домен Макуц направи клучна разлика на теренот. Магдебург и тренерот Бенет Вигерт уште во подготвителниот период тестираа акции целосно откажувајќи се од пикерот.
Суштината на оваа тактика не е целосно укинување на пикерската позиција, туку создавање нов офанзивен арсенал. Со четири технички потковани бекови се зголемува притисокот врз зоната „лице в лице“, се овозможува брза ротација на позициите и се тера противничката одбрана да се брани без фиксна мета на цртата.
Вклучувањето на гиганти како Кил и Магдебург е јасен доказ дека играта со четири бека станува легитимен тренд што би можел да го промени модерниот ракомет. Нешто како играта „седум на шест“ која донесе нова димензија во овој спорт.