„Победа во Австрија е императив за Македонија“

Македонските кошаркари денеска одработија тренинг во „Спорт Арената“ во Виена каде утре ќе се сретнат против Австрија во меч од втората фаза од претквалификациите за пласман на ЕВРО 2029.

Во последните неколку квалификациски циклуси, Лука Стојановски е еден од најстандардните во нашиот состав.

Новиот кошаркар на МЗТ Скопје вели дека победа на утрешниот меч во Виена е императив за Македонија.

„Очекувањата се да победиме. На секој натпревар што ќе го играме во наредниот период одиме на победа. Се подготвуваме, гледаме видеа, правиме тактика. Едноставно, имаме добра и комплетна екипа во овој момент. Победата, би го нарекол тоа, е единствениот императив пред нас“, вели Лука Стојановски.

Македонија во претходниот претквалификациски циклус имаше максимален ефект – шест победи на шест натпревари, резултати кои дополнително ја подигнаа самодовербата во националниот тим. Во новиот циклус, составот е дополнително засилен со приклучувањето на Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.

„Точно така. Тие победи и одиграните натпревари во овие претквалификации се голем плус за нас како екипа. Но и доаѓањето на одлични играчи како Ненад и Мозес ќе ни помогне во намерата да стигнеме до оние вистински квалификации“.

Стојановски вели дека Австрија е шутерска екипа, физички не е доминантна.

„Би рекол дека пред сè станува збор за шутерска екипа. Физички не се предоминантни, така што би рекол дека негуваат брза кошарка и дека имаат добар шутерски потенцијал“.

Мечот меѓу Австрија и Македонија се игра утре со почеток од 16:05 часот.