Само две земји никогаш немале екипа во главната фаза од УЕФА натпреварувањата

Црна Гора и Сан Марино се единствените две од 55-те членки на УЕФА кои никогаш немале клуб во групната или лигашката фаза на некое европско натпреварување.

Андора беше на оваа листа се до вчера кога Интер Ескалдес ја елиминираше косовска Дрита и избори пласман во лигашката фаза на Конференциската лига.

Шампионот на Андора одигра 2-2 на првиот натпревар во Приштина, додека во реваншот немаше голови ниту по продолженијата. Интер потоа славеше со 4-2 по изведувањето на пенали и го оствари најголемиот успех во историјата наклупскиот фудбал во Андора.

Малта го направи истиот исчекор минатата сезона преку Хамрун Спартанс, па по овогодишниот успех на Интер на дното останаа само Црна Гора и Сан Марино.

Успехот на Интер особено боли за црногорскиот фудбал бидејќи уште еден клуб од Андора ова лето елиминираше претставник на Црна Гора. Атлетик Ескалдес го елиминираше Морнар во првото квалификациско коло од Конференциската лига со две победи од 2-1.

Тоа беше само дел од катастрофалната европска сезона на црногорските клубови. Црна Гора ја претставуваа Сутјеска, Морнар, Дечиќ и Петровац, а заедно одиграа десет натпревари и ги загубија сите десет.

Фото: FC DECIC