Нов дебакл на женската ракометна репрезентација на Медитеранските игри

Женската ракометна репрезентација на Македонија доживеа пораз и во третото коло од Медитеранските игри во Таранто.

Откако во претходниот меч загубија со 32 разлика од Тунис, денеска нашите девојки беа совладани од Алжир со 37-23. Македонската репрезентација ниеднаш не се најде во водство, во првите 7-8 минути неколку пати имаше нерешен резултат (од 2-2 до 5-5), а потоа почна доминацијата на Алжирките.

За четири минути, постигнаа пет гола во низа, а до големиот одмор веќе водеа со девет разлика (20-11). Во второто полувреме не се смени ништо значајно, предноста на противничките полека се зголемуваше до највисоките +14 со кои заврши натпреварот.

Капитенот Леона Миленкоска беше најефикасна во македонската репрезентација со шест гола, четири постигна Павиќевиќ, а шест ракометарки завршија со по два. За Македонија остануваат уште два меча, против Италија в петок и Косово во сабота.