Докузовски во „контрола“ на Македонија: Овие кошаркари имаат квалитет за пласман на ЕП!

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва одигра тренин-натпревар против екипата на ТФТ, во кој резултатот не беше важен туку основна цел беше воигрување на тимот во пресрет на исклучително важниот меч против Австрија (30 август), на стартот од втората претквалификациска фаза за пласман на ЕП 2029.

Шанса за настап добија сите што беа на клупата, меѓу кои ги немаше Кристијан Николов и Петар Бошалески, поради стомачен вирус. Средбата беше искористена за воигрување на повратникот Ненад Димитријевиќ и новакот Мозес Рајт со екипата која без пораз ја мина првата рунда од претквалификациите. Беше прикажана брза игра со цврста одбрана, како најава за добра партија во пресметката со Австријците.

На трибините на овој меч беше и поранешниот селектор, Марин Докузовски, кој на ЕП 2011 ѝ го донесе на Македонија најдобриот пласман во историјата – четвртото место на табелата. Актуелниот тренер на Куманово средбата ја следеше во друштво на потпретседателот на КФМ, Младен Ѓуроски и спортскиот директор, Владо Илиевски.

„Сите што сме во кошарката стоиме зад оваа селекција, зашто успехот на националниот тим е успех на сите нас. Ова што го видов ме радува. Имаме компактен тим со неколку исклучително квалитетни поединци. Сегашниот селектор на располагање има квалитетни кошаркари, односно состав за кој верувам дека има квалитет да се пласира на ЕП. Треба да се одигра од меч во меч, да се дава се од себе и да се користи секоја шанса. Македонија заслужува да игра со елитата и се надевам дека оваа генерација ќе нѐ врати таму каде што сметам дека и ни е местото“, вели Докузовски.

Во групата со нас и Австрија е уште и селекцијата на Кипар. Пласман во квалификациите за ЕП 2029 ќе обизбеди првопласираниот тим, додека останатите два ќе имаат уште една шанса да се најдат со најдобрите 32 репрезентации на Стариот континент.