Обезбедувањето на Миленко со грди закани кон навивачите на Вардар! (ВИДЕО)

Вчерашната победа на Вардар на домашен терен против Силекс (4-1) делумно ќе остане во сенка на немилите сцени на јужната трибина од арената „Тодор Проески“ кога обезбедувањето на директорот Миленко Неделковски вербално нападнало група црвено-црни навивачи.

Инцидентот се случил на почетокот од второто полувреме, кога луѓето кои го штитат првиот човек на вардарци им се „пуштиле“ на млади членови на Комити на возраст помеѓу 15 и 17 години. Според сведоците, тие со грди закани биле нападнати, а гневот на хулиганите бил насочен најмногу кон единствениот полнолетен во групата, кој имал само 18 години. За среќа, физички напад бил спречен, делумно и поради интервенција на полицијата, која потоа го вратила обезбедувањето на Миленко кај него на северната трибина.

Навивачите на Вардар се револтирани од управата поради лошото менаџирање за време на летниот преоден рок, лошите засилувања и ужасните подготовки на кои беа одиграни пријателски средби со аматерски тимови. Поради тоа, црвено-црните имаа ужасен настап во Европа и елиминација во двете рунди што ги одиграа, а капак на сѐ беше поразот на домашен терен од најголемиот ривал Шкендија.