Димитријевиќ: Ова ми е последна шанса да играм на ЕП – ќе дадам сѐ за да успееме!

Ненад Димитријевиќ повторно е дел од македонската репрезентација и со големи амбиции го започнува вториот претквалификациски циклус за пласман на ЕП 2029, откако реши да прифати да го носи националниот дрес во августовскиот ФИБА прозорец, во кој Македонија ја очекува важен гостински натпревар против Австрија во Виена.

Тој добро го познава противникот, а смета дека македонската селекција има доволно време да се подготви и да ја дочека пресметката во оптимална форма.

„За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна екипа која игра 'ран енд ган' кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имаме осум до девет дена да се спремиме заедно за мечот и да одиме во Виена на таа посакувана победа“, вели Димитријевиќ.

Повратникот во националниот тим се осврна и на промената под кошевите. По повредата на Итан Хап, Македонија во составот го добива Мозес Рајт, со кого Димитријевиќ очекува да изгради одлична соработка.

„Претходно под кошевите го имавме Хап како сериозен и квалитетен играч, но несреќа беше неговата повреда, тоа ни беше хендикеп во претходните квалификации со Естонија. Сега го добиваме Рајт, преквалитетен играч. Се надевам дека ќе бидеме добар тандем и со останатите играчи ќе дојдеме до успех“, истакнува македонскиот репрезентативец.

Враќањето на Димитријевиќ има и дополнителна тежина бидејќи пред Македонија е големата цел – пласман на следниот континентален собир, каде што последен пат настапивме во 2015 година. За 28-годишниот бек, тоа би можело да биде последната можност повторно да се појави на континенталниот собир со националниот тим.

„Наша цел е настап на следното ЕП, за мене тоа ќе биде последна шанса да играм на еден Евро-шампионат со Македонија и ќе дадам сè од себе да го оствариме тоа“, порача Димитријевиќ.

Репрезентативците подготовките ги започнаа денеска во Скопје, а главниот предизвик ги очекува в недела во Виена, каде ќе се бара победа што би била важен чекор кон посакуваниот пласман на Евробаскетот.