Рајковиќ: Македонија е мојот единствен дом, но се чувствувам како - граѓанин на светот!

Емил Рајковиќ во изминатите две децении работеше како тренер во седум земји, од Кавадарци до Москва, но без оглед на тоа каде го водела кариерата, едно место секогаш останувало неговата база – Скопје.

Македонскиот стратег во интервју за српските медиуми зборува за животот далеку од дома, за семејните жртви, за одлуките кои ги носел сам и за прашањето што за него денес значи зборот „дом“. Тој играчката кариера ја заврши на само 26 години, во период кога повеќето кошаркари сметаат дека најдобрите години допрва доаѓаат.

„Крајот на мојата играчка кариера се совпадна со раѓањето на првата ќерка, Ања. Тоа што бев покрај сопругата Маја за време на породувањето, првата година од растењето на нашата постара ќерка, а потоа и раѓањето на нашата помлада ќерка Ева – сето тоа ме обликуваше и созреа на најдобар можен начин. Често користам една фраза кога разговарам со играчите за вредностите и карактерот, а таа произлегува од моето лично искуство – момчето станува маж. Тогаш престанав да барам изговори и да размислувам само за себе. Немав избор – морав да преземам одговорност и да се грижам за семејството“, вели Рајковиќ.

Неговата тренерска кариера започна во Кавадарци, каде што седум години работеше во Фени Индустри. Таму го учеше тренерскиот занает, но истовремено неговото семејство ја плаќаше цената на професионалниот напредок.

„Мојата сопруга тие години живееше во Скопје, во стан со мојата мајка и со нашите тогаш мали ќерки. Мораше да работи, да живее со свекрвата без сопруг и да се грижи за децата. И денес сум ѝ благодарен за тоа. Ќе дојдев по натпреварот, ќе преспиев една ноќ и ќе се враќав во Кавадарци за цела недела. Тие години беа семејна жртва, инвестиција на моето семејство во мојата професионална иднина. Посветеноста на работата и пронаоѓањето начин на нашето семејство да му обезбедиме иднина ја направија нашата љубов уште посилна“, раскажува македонскиот тренер.

По успешниот период во Кавадарци, каде што со Фени Индустри трипати стана шампион на Македонија, освои два Купа и Балканска лига, Рајковиќ се пресели во Работнички. По една и пол сезона во матичниот клуб следувал првиот голем интернационален предизвик – Полска. Две сезони го водеше Шлонск Вроцлав, а потоа работеше и во Стал Остров. Во еден момент семејството му се придружило во Полска.

„Ги запишав децата во полско училиште. Помладата ќерка беше второ одделение, а постарата петто. Научија полски јазик, полека се навикнаа на тамошната култура. Но, откако во Полска освоивме сребрен медал, што беше историски резултат за клубот, повторно моравме да ги спакуваме куферите и да заминеме во една од најстудените престолнини во светот – Астана“, вели Рајковиќ.

Следуваа три години во Казахстан, нова култура, ново училиште и нов јазик за неговите ќерки. Со Астана се натпреваруваше во ВТБ-лигата и го оствари најголемиот резултат во историјата на клубот, а во тој период семејството стекнало и многу пријателства. Потоа, потпиша за Автодор Саратов, каде што повторно работел успешно, но војната го прекинала натпреварувањето и семејството морало да се врати во Скопје. Следната сезона на маса имал понуди од Сарагоса и Реџо Емилија, но се надевал и на ЦСКА Москва, која барала тренер по заминувањето на Димитрис Итудис. Токму тогаш донел една од најважните одлуки во кариерата.

„Кога стигнаа понудите од Реџо Емилија и Сарагоса, ги прашав децата: ‘Каде ќе одиме?’ Ми рекоа дека можам да одам каде што морам, но дека ним им е доста од животот во странство и сакаат да останат во Скопје. Во таа ситуација презедов голем ризик, ги одбив понудите од Реџо Емилија и Сарагоса и ја чекав ЦСКА. На крајот се исплатеше. Добив двегодишен договор со ЦСКА. Таму многу научив за себе и созреав и како човек и како тренер“, открива Рајковиќ.

По Москва следуваше Турција и Тoфаш од Бурса, но семејството повторно останало во Скопје. Сопругата на секои месец или два патувала кај него и назад за да се грижи за децата. Дваесет години тренерска кариера, седум земји, бројни градови и безброј патувања природно го наметнуваат прашањето – каде е домот? Одговорот на Рајковиќ е едноставен.

„А сега вие мене кажете. Што мислите, што за мене значи дом? Македонија, моето семејство и моите пријатели се мојот единствен дом. Но, слободно можам да кажам и дека сум граѓанин на светот“, поентира нашиот стратег.

Целото интервју можете да го почитате ТУКА.