Баерн продолжи да ја малтретира Борусија, „Франц Бекенбауер“ остана во Минхен (ВИДЕО)

Баерн Минхен ја започна новата сезона со трофеј, откако славеше над Борусија Дортмунд со 2-1 во германскиот Суперкуп, која од лани го носи името на легендарниот Франц Бекенбауер. Практично, шампионот го одбрани пехарот бидејќи и лани со идентичен резултат стигна до него, тогаш со победа против Штутгарт.

Баварците одиграа одлично прво полувреме и практично го решија натпреварот уште пред паузата. Првиот гол го постигна новото засилување Натаниел Браун во 28. минута, откако Мајкл Олисе одлично ја продолжи акцијата.

 

 

За Браун ова беше идеален официјален деби настап во дресот на Баерн. Борусија се обиде да одговори, а во 42. минута дури и ја затресе мрежата на Мануел Нојер. Сепак, голот беше поништен поради офсајд, бидејќи Рами Бенсебаини влијаеше на акцијата. Само неколку моменти подоцна, домаќините имаа уште една голема шанса, но Браун не успеа да реализира во ситуација еден на еден.

 

 

Во самиот финиш на првото полувреме Баерн го зададе вториот удар. По грешка на Џоб Белингам, Олисе ја освои топката, тргна во продор и со одлична индивидуална акција го совлада Грегор Кобел за 2-0.

Во вториот дел Борусија тргна поагресивно и создаде неколку ситуации пред голот на Баерн. Особено опасен беше нововлезениот Јоанис Константелиас, но Мануел Нојер уште еднаш покажа зошто е еден од најдобрите голмани во историјата, со извонредна интервенција. Силва во 75. минута, сепак, успеа даа го совлада германскиот голман и да го постави конечниот резултат.

 

 

Со победата, Баерн го освои првиот трофеј во сезоната и уште еднаш потврди дека има сериозни амбиции и во новата сезона. За Борусија, пак, дербито на „Сигнал Идуна Парк“ заврши со разочарување пред стартот на битките за бодови. Ова беше десетти меѓусебен дуел на Борусија и Баерн во историјата на германскиот Суперкуп, а баварците сега имаат шест победи во овие пресметки, наспроти четири триумфи на ривалот од Дортмунд.