Охрид за една недела вторпат го совлада Вардар и го одбрани трофејот „Крсте Андоновски“

Откако минатата сабота славеше против Вардар во финалето во Струга, Охрид и денеска беше подобар од актуелниот шампион на Македонија, овојпат во мечот за трофејот на турнирот „Крсте Андоновски“.

Во финалниот дуел, охриѓани триумфираа со 29-27, покажувајќи дека се наоѓаат во одлична форма во пресрет на новата сезона. Двете екипи повторно ќе се сретнат за десетина дена, овојпат за првиот официјален трофеј, во Суперкупот на Македонија кој ќе се одигра во Гевгелија.

Екипата на Охрид заслужено победи бидејќи ја имаше контролата над резултатот од средината на првото полувреме. Во вториот дел, предноста достигна и четири разлика кои за Вардар се покажаа недостижни. „Црвено-црните“ во финишот се обидоа да направат пресврт и да дојдат до победата, но најмногу што успеаја да се доближат беше два разлика, колку што и заврши мечот.

За најдобар дефанзивец на турнирот беше прогласен Марко Мамиќ од Загреб, прв стрелец е Абделрахман Ашраф од јуниорската репрезентација на Египет, најдобар голман е Дино Славиќ од Охрид, а МВП признанието отиде во рацете на Доминик Мате од Охрид.