„Горд сум што како репрезентативец на Македонија ќе го носам дресот на Лидс!“

Дитмир Хоџа веќе го направи големиот чекор и потпиша тригодишен договор со Лидс јунајтед, а во првото интервју за англискиот клуб откри и кој Македонец му е пример.

Македонскиот напаѓач не крие дека добро го памети Езџан Алиоски, кој остави силен впечаток кај навивачите на Лидс и со своите настапи стана еден од омилените фудбалери на клубот.

„Да, го сакав Алиоски! Тој беше многу страствен и вреден играч“, изјави Хоџа за клупската веб-страница.

Доколку успее да стигне до сениорскиот тим на Лидс, Хоџа би можел да стане вториот Македонец кој настапувал за клубот по Алиоски. Токму неговиот сонародник може да му биде дополнителна мотивација во обидот да се наметне на „Еланд роуд“.

„Се чувствувам неверојатно. Многу сум горд што сум фудбалер на Лидс. Знам дека Лидс е огромен клуб со неверојатни фанови и амбиции. Јас сум фудбалер кој работи напорно, кој е енергичен и секогаш дава 100 проценти за тимот. Тренинзите тука се многу добри, интензивни и уживам во тоа. Сакам да му помогнам на тимот да успее и да имаме одлична сезона“, вели Хоџа.

Но, тој не зборуваше само за клупските амбиции. 18-годишниот напаѓач со посебна гордост зборуваше и за репрезентацијата на Македонија.

„Играњето за мојата земја ме прави многу горд. Да ја претставуваш Македонија е огромна чест за мене“, порача младиот фудбалер.

Хоџа минатата сезона, пред да наполни 18 години, постигна шест гола во сениорскиот фудбал за Работнички, а настапи и во квалификациите за Лигата на конференции. Сега го очекува ново поглавје во Англија, каде што ќе се обиде да го следи патот на Алиоски и еден ден да добие шанса да го облече дресот на сениорскиот тим на Лидс.