Болт регистриран, ќе игра фудбал во Англија!

Осумкратниот олимписки шампион Усеин Болт е регистриран за настап во фудбалската ветеранска лига во Англија.

Болт официјално е регистриран како играч на Витеншо Ветс, клуб кој се натпреварува во Премиер дивизијата на ветеранската лига во областа Чешир.

Во оваа лига можат да играат само фудбалери постари од 35 години, а Витеншо е клуб од јужниот дел на Манчестер. Минатата сезона привлече големо внимание бидејќи за него настапуваа бројни поранешни играчи од Премиер лигата.

Покрај Болт, оваа сезона за Витеншо ќе играат и поранешниот фудбалер на Ливерпул и Англија, Емил Хески, напаѓачот на Евертон, Умар Ниасе, некогашниот капитен на Манчестер јунајтед, Антонио Валенсија, напаѓачот на Њукасл, Папис Сисе, поранешните играчи на Манчестер сити, Стивен Ајрленд и Недум Онуоха, како и освојувачите на Премиер лигата, Џолеон Лескот и Дени Дринквотер.

Ова не е првпат Болт да биде дел од фудбалот. Пред речиси осум години, тој постигна два гола на пријателски натпревар за Сентрал Коуст Маринерс, а потоа потпиша и договор со клуб од австралиската А-лига, но си замина по само осум недели.

Фото: usainbolt/Instagram