Охрид силно тргна во Регионалната лига - со двоцифрена разлика ја прегази Војводина!
Гостите од Србија рамноправен противник беа само во поголем дел од првото полувреме, додека во продолжение македонскиот претставник само докажа дека е далеку поквалитетен тим.
Единственото водство на дуелот Војводина го имаше со 1-0, Охрид потоа направи серија од три гола за во продолжение со неколку слични мини-серии да обезбеди и висока предност на паузата од 13-8.
Во вториот дел доминацијата беше уште поизразена, Војводина ниту еднаш не го загрози водството на избраниците на Борис Ројевиќ кои на крајот славеа и со двоцифрена разлика.
Најдобар на теренот беше голманот Дино Славиќ кој средбата ја заврши со дури 17 интервенции, додека кај стрелците со по пет гола најефикасни беа Мате и Иванковиќ.
Со овој триумф Охрид дојде до втората победа на турнирот и против Загреб в петок ќе игра за првото место во групата кое носи и директно во финалето.