Чудо ќе биде ако Инфантино не биде сменет – против него се сврте и потпретседател на ФИФА!

Џани Инфантино доби уште еден сериозен удар пред претседателските избори во ФИФА, откако еден од највлијателните луѓе во светскиот фудбал ја повлече својата поддршка за неговиот реизбор.

Станува збор за Шандор Чањи, еден од осумте потпретседатели на ФИФА, член на Советот на светската фудбалска организација и претседател на Унгарската фудбалска федерација.

Чањи, кој претходно го поддржуваше Инфантино, својата одлука му ја соопштил преку писмо пред изборите за претседател на ФИФА, кои треба да се одржат во март 2027 година.

„Ја загубивте довербата што претходно ја имав во вас“, стои во писмото на Чањи, додавајќи дека сериозно е нарушено неговото уверување дека Инфантино може успешно и ефикасно да ја води ФИФА во согласност со вредностите кои претходно биле основа на нивната соработка

Посебно остри критики Чањи упатил кон начинот на кој Инфантино го водел проектот за отворање на комерцијалните активности на ФИФА кон приватни инвеститори. Но, според Чањи, вистинската „капка што ја прелеа чашата“ било отпуштањето на оперативниот директор на ФИФА, Кевин Ламур.

„Капката што ја прелеа чашата беше неочекуваното отпуштање на Кевин Ламур“, навел Чањи.

Ламур претходно јавно го критикуваше проектот на Инфантино и тврдеше дека вработените во ФИФА биле доведени во заблуда околу начинот на кој тој бил подготвуван. ФИФА во понеделникот потврди дека неговиот работен однос е завршен.

 

Тој оценил дека начинот на кој Ламур бил сменет открива сериозни недостатоци во професионалното расудување, етичките стандарди и лидерството.

Фото: ФИФА