Пол Погба неславно ја заврши авантурата во Монако - по само 115 минути!
Соработката завршува по само една сезона во која некогашната голема ѕвезда на европскиот фудбал не успеа да се врати во препознатливата форма. Погба одигра само шест натпревари за Монако и собра вкупно 115 минути на теренот, а голем проблем повторно му претставуваа повредите.
Французинот сега без обештетување може да избере нов клуб, а во последните недели неговото име најчесто се поврзува со екипи од американската МЛС и Саудиската Про лига. Погба професионалната кариера ја започна во Манчестер Јунајтед, а целосна афирмација доживеа во Јувентус. Во 2016 година се врати на „Олд Трафорд“ во тогаш рекорден трансфер вреден 89 милиони фунти и уште во првата сезона ги освои Лига Европа и Лига купот.
Најголемиот успех во кариерата го оствари со француската репрезентација, со која во 2018 година стана светски шампион. Погба постигна и еден од головите во финалната победа против Хрватска, а за „триколорите“ запиша вкупно 91 настап.
Неговата кариера тргна во надолна линија по допинг-случајот од 2023 година. Првично беше суспендиран на четири години, но по жалбата казната му беше намалена на 18 месеци. По враќањето на фудбалот се обиде да ја оживее кариерата во Монако, но овој обид не заврши според очекувањата.