Дориев со петтиот гол во последните 15 дена ѝ донесе нов триумф на Согдиана (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец, Љупчо Дориев, продолжува со фантастичната голгетерска форма во шампионатот на Узбекистан, откако повторно се запиша во листата на стрелците за Согдиана.

Тој го постигна првиот гол во победата на својот тим против Кизилкум (2-1) во натпреварот од 18. коло на првенството. Македонскиот офанзивец ја затресе противничката мрежа во 38. минута со што ѝ донесе на Согдиана водство од 1-0, најавувајќи го триумфот на својот тим. Неговата моментална форма е импресивна. За Дориев ова беше петти погодок во последните само 15 дена, а вкупно 13-ти сезонава во узбекистанскиот шампионат.

Со ваквиот голгетерски учинок македонскиот репрезентативец дополнително се зацврсти на врвот на листата на стрелци. Неговата Согдиана во моментов е осмопласирана со 24 бодови, шест повеќе од првиот тим што е во црвената зона за испаѓање.