Вардар одигра моќно во Охрид – со 12 гола разлика го растури Олимпијакос!

Ракометарите на Вардар со убедлива победа го отворија настапот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, откако попладнево во салата „Билјанини Извори“ го растурија Олимпијакос со 39-27 (21-11).

Избраниците на Иван Чупиќ прикажаа одлична партија и уште во првото полувреме практично го решија прашањето околу победникот. Грчкиот тим успеваше да парира само во почетните минути, до 3-3, по што Вардар ја презеде контролата. „Црвено-црните“ поведоа со 6-3, а потоа со серија од 8-0 целосно го скршија отпорот на Олимпијакос.

Разликата продолжи да расте, па по погодокот на Вукашин Воркапиќ во 25. минута Вардар првпат стигна до двоцифрена предност (19-9). Јака Малус зголеми на 20-9, а на паузата македонскиот тим замина со убедливи 21-11. Олимпијакос го отвори второто полувреме со два гола во низа, но тоа не го наруши ритамот на Вардар. Мохаб погоди за 28-16, а Бобан Попоски подоцна ја зголеми разликата на 33-20. Во еден момент „црвено-црните“ имаа и 14 гола предност (35-21), по што рутински го приведоа натпреварот кон крајот за конечни 39-27.

Голманот Валах со 15 интервенции беше прогласен за МВП на мечот. Најефикасни кај Вардар беа Вукашин Воркапиќ и Матео Фадуил со по седум погодоци, Леон Љевар постигна шест, додека Јака Малус заврши со пет гола.

Следниот предизвик за Вардар на турнирот во Охрид е в четврток од 21 часот, кога ќе се соочи со хрватски Нексе Нашице.