Динамо Загреб направи два „чудни“ трансфери пред двомечот вреден - 30 милиони евра!

Без разлика што во Динамо Загреб во моментов сите мисли се насочени кон двомечот со Викинг за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ) која носи најмалку 30 милиони евра, раководството на хрватскиот гигант паралелно работи и на засилување на екипата.

Најново име кое треба да пристигне на „Максимир“ е Лаутаро Ултра, 19-годишен уругвајски фудбалер од второлигашот Ориентал де Ла Паз. Станува збор за играч кој може да покрие неколку позиции во средниот ред. Неговата примарна позиција е дефанзивен играч за врска, но може да настапува и нешто понапред. Десната нога му е посилна, а „Трансфермаркт“ во моментов ја проценува неговата вредност на 200.000 евра.

Според „Спортске новости“, токму толку Динамо ќе плати како фиксно обесштетување за неговиот потпис. Со предвидените бонуси, сумата може да порасне до 500.000 евра, додека Ориентал ќе задржи и право на десет проценти од евентуалниот иден трансфер.

Ултра, кој е роден на 21 мај 2007 година во Соријано, неодамна го продолжи договорот со својот сегашен клуб до крајот на 2031 година.Неговите настапи веќе го донесоа и до младинските селекции на Уругвај. Беше повикан во репрезентацијата до 18 години и настапи на две пријателски средби против Аргентина. Младиот Уругваец со Динамо треба да потпише четиригодишен договор, по што ќе биде донесена одлука дали веднаш ќе му биде ставен на располагање на тренерот Марио Ковачевиќ или сезоната ќе ја почне во вториот тим.

Во исто време, Динамо потврди и еден излезен трансфер. Габриел Видовиќ кариерата ќе ја продолжи во Падерборн, а хрватскиот клуб од неговата продажба треба да заработи околу три милиони евра. Со тоа тој би станал и најскапото засилување во историјата на Падерборн.