Положани: Ни недостасуваше Марко Ѓорѓиевски!

Тренерот на Шкендија, Артим Положани е разочаран од елиминацијата во квалификациите на Конференциската лига, вели дека сега фокусот ќе биде ставен на домашното првенство.

Шкендија не успеа да ја анулира негативата од Хибернијан, денешниот натпревар заврши 0-0, тетовскиот тим во второто полувреме имаше шанси за победа, но не ги искористи.

„Мислам дека нашиот настап денес беше поделен. Во првото полувреме имавме интензитет, но не бевме конкретни. Во вториот дел бевме многу подобри, посебно по влегувањето на Красниќи и мислам дека во двата натпревари заслуживме повеќе. На првиот натпревар примивме гол по корнер во последната минута во Шкотска, а и денес бевме несреќни и ако постигневме еден гол - подоцна ќе беше полесно“, вели Положани.

На Шкендија и недостасуваше Марко Ѓорѓиевски кој беше херојот на претходните мечеви.

„Проблем настана откако вчера на официјалниот тренинг се повреди Марко Ѓорѓиевски, кого го планиравме да игра во второто полувреме и со таков робусен напаѓач мислам дека можевме повеќе“. 

Сега фокусот на Шкендија е на домашното првенство каде се бори со Вардар за шампионската титула.

„Никогаш не е убаво да се заврши европскиот настап, но сега ќе се концентрираме на шампионатот. Во моментов сме разочари, сакавме да играме во плеј-офот на Конференциската лига. Но, сега ќе се насочиме на борбата за титулата, целосно се насочуваме кон таа цел, бидејќи знаеме што носи настап во Лигата на шампионите“.