Првиот човек на ФИБА Европа е вљубен во Македонија – нѐ посети вторпат во два месеци!
Поранешниот шпански репрезентативец допатува во нашата земја на покана на раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов. Оваа посета доаѓа само два месеци по неговиот престој во Скопје на Европската конвенција за минибаскет (6-7 јуни)

Гарбахоса од трибините во Гевгелија го проследи натпреварот меѓу кадетските репрезентации на Македонија и Украина. Добредојде му посакаа Сарамандов и претседателот на КФМ, Томче Главчев, а посетата беше искористена и за разговори со челниците на македонската кошарка. Како спомен од престојот во Гевгелија, Гарбахоса доби специјално изработен дрес на КК Кожув, клубот од градот кој деновиве е еден од центрите на европската младинска кошарка.

Ова не се единствените посети на Гарбахоса на Македонија по неговото именување за предводник на европската кошарка, со оглед што беше гостин во нашата земја и во 2024 година, кога во Охрид се сретна и со премиерот Христијан Мицковски и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
