Британска доминација во трката на 100 метри на ЕП – со „пензионерски“ резултат (ВИДЕО)

Британскиот спринтер, Ромел Глејв (26), е нов европски шампион на 100 метри, откако пред домашната публика во Бирмингем стигна до најголемиот успех во кариерата, во финале кое го одбележа и повредата на големиот фаворит Ламонт Марсел Џејкобс.

Тој победи со време од 10,09 секунди, а британското славје го комплетираше Џеремаја Азу, кој го освои сребрениот медал со 10,16 секунди. Единствениот медал кој не заврши во рацете на домаќините го освои Германецот Овен Анса. Тој низ целта мина за 10,19 секунди и се закити со бронзата.

Најголемата драма, сепак, се случуваше околу Ламонт Марсел Џејкобс. Италијанецот, кој ја бранеше европската титула освоена пред две години во Рим и кој во својата колекција го има и олимпиското злато од Токио, повторно имаше проблем со повреда. Џејкобс се повреди во текот на трката, но сепак не се откажа. Видно повреден и со тешкотии стигна до целта како седмопласиран со време од 12,26 секунди, далеку од резултатите на кои навикна во најдобрите години од кариерата.

За 31-годишниот Италијанец ова е уште една во низата повреди кои го следат во последните години и поради кои честопати не успеваше да го покаже својот максимум на најголемата сцена.

ФОТО: X / @BritAthletics