Црвена Звезда како Вардар – останува без тренер по големиот срам во Европа (ВИДЕО)
Црвено-белите важеа за фаворити во двомечот, но загубија на двете средби. По минималните 0-1 на гостувањето, белградскиот тим доживеа уште потежок удар пред своите навивачи и беше поразен со 0-2, со што остана без можност да ја продолжи битката за место во европската елита. Според информациите од Белград, Станковиќ веднаш по последниот судиски свиреж влегол во соблекувалната, се поздравил со фудбалерите и им соопштил дека заминува од тренерската функција, откако претходно доби црвен картон поради плукање кон судијата.
Дополнителна потврда дека на „Маракана“ се случува нешто големо беше и фактот што не беше одржана вообичаената прес-конференција по натпреварот, ниту стандардниот протокол со медиумите. Ова е слично сценарија на тоа што се случува во таборот на македонскиот првак Вардар, каде што тренерот Фабијани си замина по двете срамни изданија во квалификациите за ЛШ и за Конференциската лига.
Елиминацијата од Хапоел Бер Шева е огромно разочарување за Црвена Звезда, особено поради тоа што српскиот првак влезе во двомечот како фаворит. Ова воедно е четврти неуспешен обид на белградскиот клуб да стигне до Лигата на шампионите со Станковиќ на клупата. Сепак, разделбата сè уште не мора да биде конечна. Според најавите од Србија, раководството на белграѓани ќе се обиде да го убеди Станковиќ да ја промени одлуката и да остане на функцијата.
За денеска е најавен и состанок на Управниот одбор, по кој би требало да биде многу појасно дали Станковиќ дефинитивно ја завршува својата етапа на клупата на црвено-белите или раководството ќе успее да го предомисли.