Кражба на летото - Баркола може да заврши во Лондон
Според последните информации од Англија, Арсенал повторно го разгледува Баркола како приоритетна опција за засилување на левата страна од нападот, откако пропадна обидот за ангажман на Винисиус Жуниор.
Во трката е и Ливерпул, кој веќе покажал сериозен интерес за 23-годишниот Французин. Според извештаите, „црвените“ се подготвени да понудат околу 115 милиони евра, но ПСЖ не сака лесно да се откаже од својот фудбалер и неговата вредност ја проценува на повеќе од 150 милиони евра. Ливерпул не сака да даде топку пари и токму тука може да се отвори простор за Арсенал. „Топчиите“ бараат ново решение на крилните позиции, а Баркола се вклопува во профилот на фудбалер кој клубот го бара — млад, брз, технички одличен и со голем простор за напредок.
Дополнителен фактор може да биде и самиот Лондон. Според поранешниот играч на Арсенал, Пери Гроувс, Баркола преферира живот во Лондон, што би можело да му даде предност на клубот од северен Лондон во евентуалните преговори.
Баркола пристигна во ПСЖ од Лион во 2023 година и оттогаш се наметна како еден од најважните офанзивци на францускиот шампион. Сега, сепак, неговата иднина во Париз е под знак прашалник. Доколку ПСЖ навистина одлучи да го пушти, Баркола би можел да стане едно од најскапите засилувања во историјата на Премиер лигата.