Штип со нова сала, искусен тим, ама без Гечевски сонува влез во кошаркарската елита!

Екипата на Соколи 1933 изминативе неколку години има амбиции за влез во кошаркарскиот крем, но не успеваат да ги минат последните пречки на патот кон Суперлигата, нешто што може да се смени летово.

Штипјани иако минатата сезона испаднаа во полуфиналето од плејофот во второто по ранг натпреварување, се главни фаворити за пополнување на елитата, откако беше откриено дека еден суперлигаш не добил лиценца за следната сезона. Неофицијално, тоа е составотна Чаир 2030, чие место сега останува испразнето и ќе биде пополнето од некоја од екипите што ќе се пријават на веќе отворениот оглас на КФМ за добивање „специјална покана“ за која ќе се плати одредена сума.

„Соколите“ веќе го имаат договорено поранешниот македонски селектор, Марјан Србиновски, за нов тренер, а се очекува дресот на овој клуб, покрај ветеранот Никола Караколев, да го облечат уште неколкумина исклучително искусни кошаркари. Најзвучно име меѓу нив е Александар Костовски, а пред потпис на договор се и уште двајца некогашни репрезентативци - Ивица Димчевски и Марјан Јанески. Во улога на спортски директор беше споменуван легендарниот Тодор Гечевски (прочитај ТУКА), но тоа повеќе не е опција, што значи дека популарниот Тоше дефинитивно нема да биде дел од новиот штипски проект.

Некако најголем адут на Соколи 1933 во борбата за суперлигашки статус е салата во која ќе играат, а која е во склоп на спортскиот центар „Џексон“. Штипските кошаркари таму ќе ги имаат најсовремените услови за тренирање и играње, на што би можеле да им позавидат и далеку поголемите тимови од елитата.