Чаир остана без лиценца, тим предводен од Гечевски и Србиновски ќе игра во Суперлигата!
Ова значи дека чаирчани нема да бидат дел од Суперлигата следната сезона, за што од Куќата на кошарката распишаа оглас за пријавување на кандидатите за пополнување на празното место.
„По завршувањето на постапката за лиценцирање, како и по истекот на рокот за поднесување жалби,констатирано е дека еден клуб не ги исполнил условите предвидени со актите. Поради тоа, Федерацијата ќе отвори рок за пријавување на заинтересирани клубови во периодот од 10 до 20 август 2026 година. Право на поднесување пријава има секој клуб кој смета дека ги исполнува сите услови предвидени за учество во највисокиот ранг на натпреварување. Согласно важечките правилници на КФМ, фактот што еден клуб не ги исполнил условите за лиценцирање не создава автоматско право за промоција на следнопласираните клубови од Првата лига. Тоа е така бидејќи првопласираниот клуб од Првата лига, кој според спортскиот резултат стекнал право на настап во Супер лигата, не се откажува од тоа право и ќе биде дел од највисокиот степен на натпреварување во сезоната 2026/2027. Поради тоа, доколку некој од останатите клубови од Првата лига сака да конкурира за учество во Супер лигата, покрај исполнувањето на сите останати услови пропишани со правилниците на Федерацијата, ќе треба да ја прифати и обврската за уплата на лиценца во соодветен претходно утврден износ, согласно важечките прописи“, велат од КФМ.
Според првичните најави, заинтересираните за такво нешто ќе мора да платат за да ја добијат „специјалната покана“, сума за која се шпекулираше дека може да дојде и до 40.000 евра. Најсериозен кандидат за нов суперлигаш има штипскиот тим Соколи, кој не успеа да го мине полуфиналниот плејоф-филтер минатата сезона во Првата лига. Станува збор за амбициозен клуб, со желба веднаш да стане сериозен кандидат за висок пласман, кој се очекува следната сезона да го предводи поранешниот македонски селектор, Марјан Србиновски, а ударна игла да биде ветеранот Александар Костовски. Пред извесно време се појави шпекулација дека спортски директор на штипјани ќе биде Тодор Гечевски.